Пред неколку години кога се најави создавањето на „Fargo“, серија базирана на истоимениот филм од генијалните мајстори Џоел и Итан Коен (Joel and Ethan Coen), бев многу скептичен. Филмот е речиси совршен, од генијалното сценарио до извонредната реализација, па продолжувањето на овој свет ми изгледаше како многу избрзана маркетиншка одлука со која не само што немаше да можат да го задржат авторскиот стил туку немаше ни да го испочитуваат. Колку само имав згрешено. Тоа веднаш ми се докажа уште со првата епизода од првата сезона, тотално менувајќи ми го мислењето.
Креаторот на серијата Ноа Холи (Noah Hawley) ја имаше невозможната обврска не само да ги задржи повторно сите елементи кои се многу значајни од филмот туку сега и да го достигне успехот на првата сезона истовремено продолжувајќи ја приказната на еден нов и уникатен начин. Токму и тоа го прави!
Приказната, се разбира, повторно се случува во малите градови од Минесота, Северна и Јужна Дакота, кои се наоѓаат во областа на градот Фарго. Бидејќи серијата е антологиска, овој пат настаните се случуваат во 1979 година, кога настанува војна за територија помеѓу фамилијата Герхард и мафијата од Канзас Сити. Во центарот на се ова се наоѓа полицаецот Лу Солверсон, единствениот лик кој се враќа од прва сезона само во помлада форма и е глумен од страна на Патрик Вилсон (Patrick Wilson). Тој храбро тргнува да го сопре сето крвопролевање, секогаш останувајќи на страна на правдата и обидувајќи се да ги спаси животите на несмасниот месар и неговата „посебна“ жена кои по чиста случајност (што е честа работа во светот на „Фарго“) влегуваат во центарот на оваа војна.
Она што е најдобро во оваа сезона е тоа што целосната приказна не е рекреација ниту копија на првата. Додека ги има сите елементи од филмот и првата сезона, со ликови кои потсетуваат на оние од филмот, некои од нив дури и физички изгледаат како оние кои веќе ги знаеме и сакаме, пристапот кон нив како и нивното претставување е различен. Прва сезона ни го претстави главниот негативец, иконскиот Лорн Малво, глумен брилијантно од страна на Били Боб Торнтон (Billy Bob Thornton), па сега, авторите избегнувајќи ја замката во која можеа лесно да паднат обидувајќи се да создадат повторно комплексен и силен лик што најверојатно немаше да биде на исто рамниште со Малво, тие превземаат различен тек. Место еден главен злочинец, овојпат имаме мноштво од злочинци. И како секоја нова сезона од квалитетни серии, и оваа оди чекор понапред, зголемувајќи ја играта и опасноста во криминалистичкиот свет на „Фарго“. Има повеќе работи со кои експериментираат во оваа сезона, и речиси сите функционираат совршено.
Лу Солверсон во прва сезона ни открива дека се откажал од полицијата поради страшниот масакар кој се случил во 79-та. Авторите сега ни го претставуваат тоа и воопшто не се воздржуваат да покажат навистина колку страшен бил тој масакар што го принудил Лу да се откаже од полиција и да отвори мало ресторанче. Овојпат фокусот не е толку многу на случајното и невнимателно зло, туку на едно покалкулирачко, посуштинско зло кое е вгнездено во ликовите. Со тоа жртвите сега се помалку резултат на сплет на околности и случајни несреќи, а повеќе на немилосрдноста и ладнокрвноста на вмешаните криминалци. Па опасноста е многу повеќе сурово присутна од претходната сезона и настаните се уште побизарни од претходните. Откако ќе ја изгледате ќе сфатите дека мора да дишете длабоко бидејќи навистина ќе ве остави без здив и на работ од вашите столчиња. Во „Фарго“ апсолутно е непредвидливо кој ќе преживее, а кој не, а таа тензија е поткрепена со самото тоа што од старт авторите ви даваат до знаење дека се е можно да се случи. Навистина се! Апсурдноста исто така е се уште многу присутна и со уште една нова димензија преку искористувањето на „Митот за Сизиф“ – една метафора која длабоко се провлекува низ ликовите и целата сезона. Чудниот и црн хумор повторно одлично функционираат како контрапункт на суровите настани, разбивајќи ја атмосферата и понекогаш ублажувајќи го силниот удар кој ви го задава. Секогаш, на почеток од секоја епизода, обожавам да ја гледам лажната изјава дека настаните обработени се вистинити која, како и со филмот, веднаш ме пренесува во таа чудна и луда реалност на серијата. Понекогаш, меѓутоа, во многу малку случаи, бизарноста која отсекогаш била присутна во овој свет, тука ми беше малку претерана и ме одделуваше од мрачниот свет на „Фарго“. Особено користењето на еден „фантастичен“ елемент што некако воопшто не ми одговараше за приказната, која иако е апсурдна, сепак е и доста приземна. За среќа, овие елементи се многу малку, и моето уживање во серијата на ниеден начин не беше прекинато.
Пред се, „Фарго“ е една криминална приказна. Една мистерија, која иако е одлично напишана со многу интересни заплети и пресврти која ќе го држи вашето внимание до самиот крај, во срцето е една криминалистичка-полициска приказна која има граници колку може да биде уникатна. Меѓутоа, како и со филмот, оригиналноста и инвентивноста на ова дело е во самата реализација и во оформувањето на ликовите, како и начинот на кои се изведени. Со извонредните карактеристики, дијалози, врски и мотиви, па и самиот специфичен дијалект познат за областа во која живеат, ликовите се толку живи што се чини како да излегуваат од екран. Па сето ова помешано со генијалните изведби од страна на одлично избраната актерска екипа, карактерите ќе ви станат незаборавни, многу интересни и занимливи. Ќе можете да се поистоветите и грижите за сите, од најдобрите до најзлобните ликови, од најглавните до најспоредните. Како актери и ликови кои би сакал да ги издвојам се Патрик Вилсон како Лу Солверсон, Буким Вудбајн (Bookeem Woodbine) како Мајк Милиган – мафијашот и атентатор од Канзас Сити, Кирстен Данст (Kirsten Dunst) како Пеги Блумквист – проблематичната жена на месарот, Џеси Племонс (Jessie Plemons) како Ед Блумквист – месарот кој како просечен човек си го бара своето место во американскиот сон, Зан МекКлернон (Zahn McClarnon) како суровиот Ханзи, Џефри Донован (Jeffrey Donovan) како импулсивниот Дод Герхард и се разбира фантастичната Џин Смарт (Jean Smart) како Флојд Герхард – матријархот на криминалниот клан. Сите овие актери блескаат на екран со нивните ликови, давајќи ни изведби какви што немате претходно видено од нив. Не може да се заборават и споредните актери како Тед Денсон (Ted Danson), Ник Оферман (Nick Offerman), Кристин Милиоти (Christine Milioti) и Енгус Семпсон (Angus Sampson) кои се вистинско уживање за гледање.
Честопати читам како реакција на оваа сезона дека серијата „Фарго“ е одличен школски час за филммејкинг. И навистина не можам да не се согласам со тоа. Реализацијата е спектакуларна. Од прецизната режија, фантастично изведената прогресија (и на ликовите и на приказната), интересните и значајни потконтексти за кои зборува, визуелниот приказ како и одличниот ритам на монтажата, се e беспрекорно и маестарлно изведено внесувајќи не уште толку во сржта на приказната. Навистина е уметност и занает склопено во едно. Еден одличен елемент е визуелното отсликување на времето во кое се случува дејствието, со филмското зрно и техниките на поделен екран кои многу соодветствуваат за 70-тите години и не внесуваат подлабоко во серијата. Музиката е исто така елемент кој одлично не внесува во времето на 70-тите, особено со користењето на песни од тој период, меѓутоа најмногу се радував секогаш кога ќе ја слушнев музичката тема која е поставена уште од самиот филм. Понекогаш, и со содржината и визуелно, во некои моменти малку ми стануваше преуметничка за мој вкус, одвлекувајќи ми го вниманието од самото дејствие и изгледајќи малку исфорсирано. Меѓутоа како и за претходните критики кои ги дадов, и ова се случуваше многу малку, па во ниеден случај не можеше да ја оспори мајсторската изработка на оваа моќна серија.
„Fargo“ е продуцирана од FX и MGM. Отидете подолу за заклучокот и оценката, како и можноста вие да оставите ваша оценка.