Првата епизода од серијата почнува со краток сегмент во стилот на оние од 60тите години, односно рекламен материјал што делува како да бил изработен од креативниот тим на фирмата во серијата “Mad Men”, каде што е прикажан животот на Американците, како и нивната благосостојба и безбедност. Кадри од природни богатства, добро снабдени маркети, вработеност и развој на индустријата, насмеани лица на американски семејства и развеаното американското знаме, но наместо 50те ѕвезди, стои нацистичката свастика. Sieg Heil!
“Човекот во високиот замок” зазема место во алтернативна реалност каде што “Силите на Оската” односно Јапонија и нацистичка Германија победуваат во Втората Светска Војна, што меѓу другото резултира и со поделба на територијата на САД помеѓу јапонската Империја и великиот нацистички Рајх. Серијата е базирана на истоимената книга, напишана од Филип К. Дик, авторот на дела како што се “Дали андроидите сонуваат електрични овци?” што подоцна е адаптирана во култниот филм “Блејд Ранер” како и “Тотален отповик”. Низ 10 епизодниот сериски филм прикажан е светот под фашистичко водство, односно политиката, идеологијата и пропагандата, начинот на живот, морално-етичиките вредности кои новото време ги носи со себе како и жарот за слобода и подобро утре.
Додека отчукува сказалката кон часот на сударот меѓу двете супер-сили, во борба за превласт на веќе окупираниот свет, со цел проширувањето на зоните на влијание и колониите, бунтовниците од отпорот полека работат на случајот да го срушат режимот, охрабрени од мистериозните филмски ленти на кои се прикажува поразот врз фашизмот во Втората Светска Војна, односно нашата реалност.
Во неколкуте епизоди кои завземаат место во Канон сити, поранешна територија на Колорадо, а сегашната таканаречена “неутрална зона” помеѓу aмериканскиот Рајх и jапонските пацифичка колонија на запад, Џулијана Крејн, портретирана од Алекса Давалос, е решена да открие во што точно била вмешана нејзината убиена сестра. Овие неколку епизоди од првата половина на сезоната имаат побавно темпо и на истите е потрошено доста време, а квалитетот е послаб во споредба со оние делови кои се одвиваат во Њујорк и Сан Франциско.
Иако можеби несоодветен за приказната, крајно интересен лик е Маршалот, кој делува како да излегол од некој стар шпагети-вестерн класик. Имено, тој е ловец на уценети глави на кој му одговара беззаконието во Неутралната зона и кој фотографиите на своите мети ги има залепено на шпил карти. Тој се разликува од останатите ликови во серијата, но иако неговото кратко присуство делува несоодветно со тонот на остатокот од серијата, може да се оправда поради фактот дека серијата жанровски припаѓа на научната-фантастика.
Од друга страна, еден од главните ликови – Џо Блејк, кој за жал од 10 едночасовни епизоди, пикот го доживува во првата епизода, а до крајот на серијата гледачите не добиваат многу од него, не можат да се поврзат со ликот и затоа публиката ниту го фаворизира, ниту пак го презира, сите се рамнодушни кон него, а тоа е најлошото нешто што може да му се случи на еден лик. Тоа е најверојатно поради начинот на кој што е напишан овој лик, но не треба да се исклучи и можноста проблемот да лежи и во портретирањето на истиот. Имено, се` што ќе каже не знаеме дали е лага или не, не го чувствуваме оној емотивен товар кога зборува за својот покоен татко по чии стапки тој тргнува, и можеби би требало да делува дека тој ги игра и Џулијана и неговите претпоставени, но на крајот добиваме главен лик којшто е целосно непредвидлив, а не на оној добар начин.
Џулијана од друга страна и самата не е претерано разработена како лик, но бар гледаме што има да изгуби во целата ситуација, како и нејзините измешани емоции но и потребата да го стори тоа што е правилно. Ликот на Френк ни покажува како системот и режимот директно можат да земат еден човек кој е за пример во заедницата и да го свртат за 180 степени, односно да го доведат до ситуација тој да направи нешто што инаку никогаш не би ги сторил.
Низ текот на првата сезона, се запознаваме со широка палета на интересни ликови, но најдобар лик во целата серија до сега, без конкуренција, е ликот на високо позиционираниот нацист Џон Смит. Повеќе од сигурен сум дека на овој несекојдневен лик му е дадено апсолутно најпросечното американско име со причина, односно можеби тој го претставува успешниот Американец во новата ера. Остриот, ладен и крајно-интелигентен С.С офицер е фантастично одигран од страна на Руфус Севел, кој апсолутно брилира. Тој е прикажан како посветен поддржувач на фашистичката идеологија, суров и ладнокрвен, но од друга страна креаторите го прикажуваат и во поинакво светло, надвор од униформа и на трпеза со своето семејството, во нивниот пријатен и топол дом, подалеку од професионалните должности и во една нормална атмосфера, каде што е хуманизиран и при што публиката гледа една друга страна на дотогашниот негативец.
Овој лик е во центарот на случувањата на источниот брег, додека настаните на западниот брег, под окупација на Јапонците, ги доживуваме преку смирениот и приземен, чесен висок функционер кој е обвиен со мистицизам, игран од страна на легендарниот Кари-Хиројуки Тагауа. Иако овој актер до сега сме навикнати да го гледаме како негативец, тука тој докажува дека може да игра и позитивен лик, односно да портретира вистински човек во средина на бездушни луѓе. Случувањата кои заземаат место во Њујорк и Сан Франциско се далеку повозбудливи од оној дел од серијата која што се случува во Канон Сити, поради тоа што за разлика од тамошните драми, сцени исполнети со исчекување и блага мистерија, тука се случуваат нешта на многу повисоко ниво, како обид за атентат врз главата на една нација и спречување на нова нуклеарна војна.
Сетовите и општо целовкупната сценографија на серијата е на високо ниво, а внимание се обрнало и на најситни детали. Новото знаме на Американскиот Рајх,како и постерите со нацистичка пропаганда и ликот на Адолф Хитлер, се`присутните нацистички кукасти крстови и воените јапонски знамиња се само дел од сценскиот дизајн.
Непишано правило е дека “лошите” секогаш имаат најдобри униформи, таков е случајот со Конфедерацијата во американската граѓанска војна, Нацистите во светските војни, пиратите наспроти кралската флота па дури и негативците во “Војна на Ѕвездите” имаат подобри униформи од “пижама-кимоното” на Џедаите.
Со тоа на ум, костимографијата е на завидно ниво, не само фашистичките униформи, туку и секојдневната и работната облека кај обичните граѓани, која секогаш е маслинеста/ сива/ беж/ кафена или некоја друга слична неутрална боја, а оние впечатливи и весели бои се апсолутно отсутни, што кажува многу за ситуацијата и за општеството.
Тоа што серијата успева да го укаже е дека разликите помеѓу демократијата и фашизмот не е се огромни колку што мислиме, поготово за оние што се на удобна позиција и уживаат привилегии, за оние чии животи не би претрпеле огромна разлика кога системот од еден би се променил во друг. Имено, серијата ја користи Америка под нацистичка окупација да ја спореди со денешната Америка. Она што може да се извлече од оваа серија е дека животот под една опресивна влада не претставува проблем за народот се до моментот кога нешто ќе има директен ефект врз нас како поединци. Тоа е мајсторијата на оваа серија, каде што голем број од ликовите, меѓу кои и нашите јунаци, не ги засега злото што нивната опресивна и корумпирана влада го извршува пред нивните носеви, се додека и тие самите не станат жртви на истото. Со тоа публиката сфаќа дека сите ние живееме во општества каде што постои нешто што е целосно неприфатливо, а сепак не правиме ништо во врска со тоа, бидејќи очекуваме некој друг да се појави и да ја направи промената што сакаме да ја видиме додека ние седиме идилично. Најчудната работа околу оваа серија не тоа колку полошо и пострашно би било кога би живееле во таа алтернативна реалност, туку колку таа реалност е слична на нашата.
[youtube url=”https://www.youtube.com/watch?v=qNGl3D6Zv5Y” fs=”1″ hd=”1″ rel=”0″ showsearch=”0″ showinfo=”0″]